напишано: 19 јуни, 2011
забелешка: Фотографиите се симнати од интернет страници и не се во сопственост на авторката на блогот;
Драги гледачи,
Се јавуваме во живо од градот на културата, Велес, кој некако во последно време реши дека сака да си го заслужи името што неколку години го носеше како титула на „стара слава“ и почна да ниже еден по еден нови настани на ѓерданот на културата. Имено, се работи за нововоспоставениот театарски фестивал „Импакт“ кој започна на 18 јуни и ќе се одржува до 21 јуни во театарот Ј.Х.К.Џинот во Велес. Фестивалот е во организација на центарот за креативни акции „Импакт“, локалната самоуправа и театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“. Според директорот на фестивалот, Александар Ивановски, ова е „фестивал кој е подготвен да превзема ризици, да предизвикува претпоставени граници и постојано да ги тестира екстремите.“
Во вистинитоста на ова тврдење можеше да се увери публиката присутна на завчерашното отворање на фестивалот и изведбата на првите две претстави Дива светица мајка кучка на Театар Младинско од Словенија и Оркестар ББ, претставата на студентите од ФДУ во класата на проф. Владо Цветановски и Мими Таневска. По формалниот дел сочинет од поздравните говори на директорот на фестивалот и на градоначалникот на Велес, Горан Петров, на сцената стапија словенечките учесници. Велешката публика е искусна кога станува збор за претстави од странски поднебја, па почна да ја следи претставата со ниски очекувања поради непознавањето на словенечкиот јазик, но фестивалот уште од самиот почеток ни приреди изненадување. Следејќи го експерименталниот дух на фестивалот, оваа претстава се одликуваше со одлична вокална изведба на неколкуте песни од страна на главната актерка, куси видео сегменти кои совршено се вклопија во приказната, како и едно платно сместено во горниот дел на сцената, на кое во беспрекорно постигната синхронизација одеше македонски превод на претставата. Ова значително го олесни следењето на претставата, па освен визуелно, успеавме и содржински да ја воспримиме Дива светица мајка кучка, во која од блиску можевме да ја проследиме тежината и сложеноста на креативниот процес кај актерите при реализирањето на театарска претстава. Ако ви откријам дека во публиката најмногу се смееја токму глумците од велешкиот театар, само ќе ви ја потврдам веродостојноста на темата, како и неверојатно моќната изведба на главната актерка, Маруша Гејмаер Облак.
(Маруша Гејмаер - Облак од Дива светица мајка кучка)
Потоа настапија студентите по актерска игра на ФДУ со нивната дипломска претстава Оркестар ББ. При повторното влегување во театарот, вработените нé упатија кон сцената и ни рекоа дека концептот на претставата е и ние од публиката „малку да глумиме“. Подоцна се испостави дека интерактивноста не се одвиваше во дијалошка форма, туку повеќе беше замислена како едно напуштање на класичното проследување на претстави како во рамка од слика и одблиску искусување на штиците што живот значат. Ваквиот метод се покажа целосно ефективен, бидејќи никој од публиката ни за момент не се дрзна да ги тргне очите од претставата, ниту пак да одлета со мислите далеку од театарот, како што често знаеме да направиме по долги саати поминати во театар. Студентите на ФДУ ја прикажаа на највисоко ниво нивната актерска игра, танцови и гласовни способности и ова „политичко кабаре што ги критикува социјалните механизми„ ни приреди еден час полн со сурови вистини изразени преку песни што изобилуваа со сарказам, гнев, болка и бес. За време изведбата на Оркестар ББ се соочивме на еден несекојдневен начин со реалноста од нашите дневни весници и телевизиски вести и ежењето што ни го приредија студентите на ФДУ подоцна се излеа во еден долг, искрен и заслужен аплауз при што студентите се вратија дури три пати на сцената за да го добијат заслуженото признание.(Студентите по актерска игра на ФДУ во изведба на Оркестар ББ)
Фестивалот продолжува денес со изведбата на Бубачки на Кире Миладиновски и In & Out во режија на Јован Ристовски. Веќе утре, на 20 јуни, ќе бидат одиграни претставите Хајди во кореографија и изведба на Александар Георгиев и (Не) Поврзаности во кореографија и изведба на Кире Миладиноски и Александра Кочовска. На последната фестивалска вечер ќе бидат прикажани Мртвата Дагмар или девојчето со кибритчињата од младата режисерка од Бугарија, Ида Даниел, како и Мизантроп - Молиер (Театра) во режија на Билјана Радиноска со Наташа Петровиќ, младата македонска актерка – која се претстави во категоријата “Shooting stars” на овогодинешното Берлинале. Како што веќе споменав, „Импакт“ е фестивал на експериментален театар во кој на сцената се влеваат моќта на визуелната изведба, танцовите движења, па дури и филмската уметност за заедно да ни приредат едно ново и неверојатно доживување на театарот. Затоа, сите вие желни за уметност души, повелете во Велес за да станете и вие дел од она што се надеваме дека ќе биде долга непрекината традиција - интернационалниот театарски фестивал „Импакт“.

Mi bese golem keif sot ja vidov reportazava napravena! Osobeno zadovolstvo e da se vidi takva smaoinicijativnost i entuzijazam za eden tolku samoinicijativen i ientuzijasticki nastan :D
ReplyDeleteSto ponatamu - so nea, so blogov?
Golem pozdrav i podrska!
Здраво Мирабел,
ReplyDeleteМене, пак, ми е уште повеќе мило што сум ја добила вашата поддршка и пофалби.
На прашањето што понатаму, ќе ви кажам дека авторката на блогов продолжува со животот, а блогот со работа :)
Колку ќе си остане блогот верен на „културното“ име, зависи од геостратешката положба на авторката и нејзиното случајно или не посетување на културни настани.
Но, останете со нас, се надевам ќе продолжиме со ист ентузијазам :)