Monday, October 10, 2011

Кога сме кај советување...

Денес татко ми ми го даде најинтересниот совет што сум го добила од него во мојов краток дваесет и нешто годишен живот.
Цитирам: „Ќерко, секогаш кога ќе ти биде досадно и нема да знаеш што да правиш, изеди едно јаболко.“ :D

Тато, баш ти фала.

Sunday, October 9, 2011

Зошто луѓето сакаат да гледаат шпански серии?

Пред некоја недела ми дојде на гости една другарка од детството со која во денешни денови се гледаме многу ретко. Сепак средбите ни се секогаш многу слатки токму затоа што се проткаени со многу интерни шеги кои најверојатно само нас ни се забавни, но и со некои активности кои ни останале вообичаени уште од најраните детски години. Една од тие активности, верувале или не, е гледањето шпански серии. Баш при оваа последна посета на мојата другарка од детството, и двете повторно се струпoливме во удобноста на креветот и изгледавме една епизода од една шпанска серија која се емитува на една наша телевизија. За волја на вистината, серијата беше хрватска, ама сепак е сапуница. Нејсе, чувствата на задоволство и оптимизам што ме исполнија веднаш по завршувањето на серијата ме натераа да се запрашам: Што е тоа што толку не привлекува кон шпанските серии?
Како одговор на прашањето што сама си го имам поставувано безброј пати претходно, по мало подразмислување, успеав да си дадам неколку добри причини зошто порано сум седнувала пред телевизорот и секој ден сум трошела 45 минути од скапоценото време за серија со милион епизоди на која крајот и го знам уште пред да го видам почетокот. И сфатив:

1. Во шпанските серии се е јасно како ден. Уште од првата минута веднаш знаете кој е добриот лик, а кој негативецот; кој е лавот, а кој јагнето. Емоционалната дистанца која ја имаме кон серијата најверојатно ни носи и некое дополнително чувство на надмоќ во кое уживаме, бидејќи нели луѓе сме. А луѓето обожаваат да си играат Богови.
2. Шпанските серии (сапуниците, ако милувате) имаат некоја христијанска порака и содржина во нив. На пример: слепите прогледуваат, куците проодуваат, немите прозборуваат (добро, малку претерав). Како и да е, чуда се случуваат во шпанските серии, а ние тоа го сакаме, нели?
3. На крајот, на добрите ликови им следува добар крај, на лошите ликови им следува несреќен крај. Така, се враќаме на старото добро христијанско морализирање.
4. Глумците (и глумиците, да не се лутат машките) се згодни и убави. Мелем за очи. Добро, ова не е карактеристика која е типична само за сапуниците. Всушност, секоја современа серија или пак холивудски блокбастер се обидува на „лепе очи“ да заработи пари, но сепак, ова е уште една особина која е вредна да се спомне.
5. Богаташите живеат во богати и добро уредени куќи (можеби палати или хациенди би било подобро?). Сиромашните луѓе, пак, можеби живеат во скромни куќи или во неуредни соседства, но секогаш се прикажани како живеат во слога или во весела атмосфера.
6. За крај, да не ја заборавиме неизбежната катарза што ја доживуваме додека плачеме за проблемите на главните ликови од сапуниците или пак се радуваме за заслужениот среќен крај на Хозе Андрес и Марија Фернанда. Мислам, навистина, катарза си е катарза и нема зафрканција.

Ете така драги читатели, еве го списокот што мојот ум успеа да го склопи во 4 наутро и еве го оправданието што го смислив за себеси, а и за сите други зависници од сапуниците што ги прикажуваат по нашите телевизии. И навистина, нареден пат кога ќе прочитате статус на ФБ дека некој гледа „Кога лисјата паѓаат“, размислете 2 пати дали ќе го/ја осудите: штотуку ви дадов 6 причини за тоа.