Thursday, June 23, 2011

Театарски фестивал „Импакт“, народен театар „ЈХК Џинот“ Велес, вечер три

напишано: 21 јуни, 2011
забелешка: Фотографиите се симнати од интернет страници и не се во сопственост на авторката на блогот;

Со полна пареа се движиме низ ходниците на театарската уметност и со љубопитен дух како на дете се обидуваме да испитаме до каде сѐ може да нѐ однесе просторот сочинет од неколку „расклатени штици“ и редици удобни столчиња во стариот добар велешки театар. Третата вечер на театарскиот фестивал „Импакт“ нѐ дочека повторно со уште две танцови кореографии – Хајди на Александар Георгиевски и Не (Поврзаности), заедничкиот проект на Кире Миладиноски и Александра Кочовска. Вечерва сета прашина која се кренала околу фестивалот се манифестираше преку најголемиот одзив од сите три ноќи дотогаш, со публика на возраст „од 7 до 77“. Секако, ова си носи и свои маани, но за тоа – потоа.
Хајди на Александар Георгиев е претстава која „претставува наивност, чистота и радост во сите значења“. Но, Хајди ја истражува и глупавоста како состојба на умот. Јас би рекла дека го истражува и искушува донекаде и трпението на театарската публика, а воедно и нивните очекувања од тоа театарот целовремено да биде забавен, динамичен и со јасно сфатлива поента. Е арно ама, тука беше Александар Георгиев за да ни го смени мислењето, па затоа на една сосема оскудна сценографија се појави облечен во девојчинско цветно фустанче, држејќи фотоапарат во рацете. На голема збунетост на публиката, почна да прави некои несмасни балерински движења, да зборува, или подобро – мрмори тивко и нејасно. Да биде апсурдот поголем, на сцената се наоѓаше и една негова пријателка, која само немо ја следеше неговата изведба и неколкупати и ја документираше со апаратот. Не знам дали реализацијата на претставата соодетствуваше на замислата, но на самиот крај ми се потврдија сомневањата дека тој успеа да изнуди токму глупавоста како состојба на умот да се покаже кај дел од публиката. Публиката не престана со гласните коментари, по што изведувачот нѐ избрка (буквално) од салата, притоа фотографирајќи нѐ и испраќајќи нѐ со зборовите „Ќе се најдете на фејсбук“. А за тоа како фејсбук е врвниот времетрошачки изум кој донекаде ја поттикнува глупавоста на човештвото, веќе страници и страници се напишани, па не мораме повеќе да коментираме.
(Александар Георгиев во изведба на Хајди)
(Не) Поврзаности подоцна нѐ вметна во светот на (не)поврзаностите, (не)поврзаности на просторот, на сцената, на „двајца луѓе меѓу кои (не) постои поврзаност“. Се работи за Лабан претстава, именувана според Рудолф фон Лабан, првиот што го открил методот на бележење на балетските движења со геометриски слики. Сите движења кои како бои на платно ги разлеваа двајцата танчери на сцената се прикажуваа на платното поставено во позадина. Сето тоа делуваше како она што можевме да го видиме на сцената да се копирало во една слика која симултано ги следи движењата на сцената и ги вметнува во една друга просторна оска, слеани во едно, а сепак секоја засебна. Во (Не) Поврзаности Кире Миладиноски и Александра Кочовска ја прикажаа нивната хемија на сцена, танцуваа толку складно и хармонично, како да се дел од едно цело. Добро одбраната музика само придонесе кон едно целосно и максимално задоволство на сите сетила. Одеднаш велешкиот театар ми се причини како Бродвејска сцена, толку професионално овие двајца танчари си ја завршија работата. Комплетен, добро одработен производ кој ми пренесе едно надреално доживување.
Тука некаде дојде крајот. Третата вечер на театарскиот фестивал „Импакт“ нѐ остави сите со некои недефинирани, измешани чувства на задоволство, збунетост, меланхолија и радост во исто време. Сите дома си отидовме побогати во духот, поизострени во вкусот и понетрпеливи и погладни за уште. Овие три вечери беа преполни со уметност во најразлични форми, со изненадувања од претстава до претстава. Навистина не знам која од која претстава беше поумешно изведена и не би можела да се решам за ниту една како омилена, кога би морала да бирам. Сепак останува да видиме дали крајот ќе го краси делото. До утре.

No comments:

Post a Comment