Thursday, June 23, 2011

Театарски фестивал „Импакт“, театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, втора вечер

напишано: 20 јуни, 2011
забелешка: Фотографиите се симнати од интернет страници и не се во сопственост на авторката на блогот;

Фестивалот продолжува да се одвива во истата атмосфера на ентузијазам, еуфорија и задоволство што се чита на лицата на присутната публика. Во склоп на вечерашното мени куќата реши да нѐ почести со два балетски перформанси: Бубачки (Bug’s) на Кире Миладиноски и In & Out на Александра Кочовска. Патем, публиката е во голем број истата од претходната вечер, што само го потврдува квалитетот на претставите од отворањето. Сите послушно се сместивме во театарската сала и нетрпеливо чекавме да видиме што ќе ни приреди „Импакт“ на втората вечер од своето постоење.
Затемнета и спарна сала, тишина и исчекување на публиката, на сцената осамен стои Кире Миладиноски и започнува со изведбата на Бубачки. Додека тој на сцената го изведува балетскиот перформанс, во позадина оди гласот на нараторот и со совршен јужно-американски акцент ја раскажува животната приказна на еден трансвестит. Токму така, Бубачки е насловена по познатиот „drag queen” бар BUG’s во Лас Вегас. Инспирирана од и посветена на маргинализираните групи во општеството, преку животната приказна на една индивидуа, оваа претстава се обидува да ја преточи одблиску тежината на егзистенцијата во едно хетеросексуално општество, неприфаќањето дури и во најтесниот семеен круг, а потоа и стравот од осаменост и отуѓеност. Текстот на Кочо Андоновски, напишан на англиски и мошне вешто изведен со разни игри на зборови како што беше завршната реченица I’m a drag queen, I drag myself out, во комбинација со психоделичните движења на Кире Миладиноски, делуваше навистина отрезнувачки врз сите присутни. Накратко, шокантно и моќно.
(Кире Миладиноски во изведба на Бубачки)
Вториот дел од вечерта продолжи повторно со еден балетски перформанс, но овој пат во малку повесели и поживи тонови. Имено, станува збор за еден идеен проект на Александра Кочовска, кореограф и танчер од Скопје, која во соработка со битолскиот режисер Јован Ристовски и велешката актерка Кети Борисовска, произлегле со балетскиот перформанс In & Out. Во времетраење од дваесетина минути, In & Out на еден жив, динамичен, естетски едноставен начин ни ја долови пргавоста, нескротливоста, но и себичноста на човечката природа и сите лица на човекот. Минималистичката сценографија составена од неколку столчиња, уште повеќе го обрати вниманието на публиката кон одличната танцова игра на Александра Кочовска, на која исто толку добро ѝ парираше и Кети Борисовска. Во позадина одеше аудио трака која се повтори неколку пати во текот на претставата, како да сакаше да нѐ натера сите да запаметиме добро дека „Човекот нема никаква вредност, сѐ дури тоа што го има, на друг не го даде“. И навистина, по долги и збунувачки натегања на двете актерки околу едно обично столче (што алудираше на човековата склоност кон грабање и присвојување), на крај и двете најдоа место на едно исто столче и завесата се спушти, покажувајќи ни го среќниот крај кој можеме сите да го доживееме, ако само се научиме да делиме.
Сѐ на сѐ, во текот на втората фестивалска вечер во полн ек можевме да ја проследиме истражувачката природа на фестивалот. Освен што имавме можност да видиме две врвно изведени балетско-театарски перформанси, и двете со јасна и моќна порака, имавме можност и да видиме како публиката задоволно реагира на овие нови дисциплини и како гладно исчекува да види што уште ќе ѝ припреми фестивалот „Импакт“. И без разлика на „егзотичноста“ на утрешните специјалитети, некако оваа втора вечер ѝ покажа на велешката публика дека е отворена за различни „вкусови“. Токму оваа втора вечер ѝ ја покажа на публиката убавината на средбата помеѓу балетот и театарот на сцената, на мешањето на различните уметнички дисциплини, ѝ покажа колку е убаво кога се има отворени гледишта.

No comments:

Post a Comment