Thursday, June 23, 2011

Театарски фестивал „Импакт“, театар ЈХК Џинот, Велес; вечер четврта и последна

напишано: 22 јуни, 2011
забелешка: Фотографиите се симнати од интернет страници и не се во сопственост на авторката на блогот;

Токму така. Како низ сон ни минаа четирите ноќи на „интимни“ средби со театарот и со лицата на (не)случајните посетители со кои делиме исти страсти и иста глад по театар, и уште повеќе, по квалитет во театарот. Во текот на овие четири дена дружење и културно дозирање, имавме можност да „плачеме и се смееме“ заедно, на начин на кој тоа не сме го правеле со години. Секаде во воздухот рееше некое чувство на возбуда и задоволство бидејќи конечно и Велес живна и се освежи на полето на културните настани. Конечно и ние фативме чекор со времето, со едно темпо кое се надевам и натаму ќе го одржиме. На оваа последна вечер, честа да го затворат првиот меѓународен театарски фестивал „Импакт“ во Велес, ја имаа бугарската претстава Мртвата Дагмар или девојчето со ќибритчињата и Мизантроп на новоформираната театарска група од Скопје, Театра.
Мртвата Дагмар или девојчето со ќибритчињата, бугарскиот претставник на фестивалот, е „независна претстава која се занимава со стратегии за осознавање на реалноста“. Овој млад ансамбл со уште помладата режисерка, Ида Даниел, одлично си ја заврши својата работа. Имено, ова беше една многу автентична приказна, еден вид црна комедија, која својата интертекстуалност ја заснова на Андерсеновата приказна Девојчето со ќибритчињата. Се случува во Чистилиштето, каде ангелите и демоните овој пат не се борат за превласт над светот, туку за одгатнувањето на смртта на младата и девствена Дагмар. Претстава која изобилува со метафизика, несекојдневна комика, како и еден несекојдневен пристап на сериозните работи како што е смртта. Претстава која дефинитивно би им се допаднала на младите генерации, токму поради начинот на кој пристапува кон дејството. Се одигра во холот на театарот, што освен што беше интересно и несекојдневно, за жал придонесе и до останувањето на дел од публиката надвор, а воедно и придонесе за нецелосно внимание кон претставата.
(Сфумато од Бугарија во изведба на Мртвата Дагмар или девојчето со ќибритчињата)
На самиот крај од фестивалот, ја видовме Мизантроп на Молиер во изведба на Театра од Скопје. Театра е независна театарска продукција, неодамна основана, која изненади со свежиот и оригинален пристап кон актерството. Во Мизантроп на еден неповторлив начин се здружени енергиите на младите и идни актерски ѕвезди, како што се Атанас Атанасовски, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Стефанија Зисовска и веќе докажаните ветерани на македонското актерство Диме Илиев, Кирил Андоновски и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Надалеку познатата комедија на Молиер е приказна за еден автор кој живее во свет на лицемерни пријателства, неискрена љубов и тој самиот сака да тргне против сите светски неправди. Сето ова Театра го прикажаа на еден многу комичен начин и на публиката и приредија едно несекојдневно театарско уживање, ја насмејаа и налутија во исто време. Не би згрешила ако речам дека го видовме токму шлагот на црешата на самиот крај, ако судиме според аплаузот кој несебично му го даривме на овој театарски ансамбл.
(Наташа Петровиќ и Билјана Драгиќевиќ-Пројковска во изведба на Мизантроп)
Така маестрално го затворивме овој прв театарски фестивал и неговото прво издание. Со нешто светско, а наше. Се надеваме дека ова нема да биде и последна дружба со секој од овогодинешните изведувачи, а се надеваме и дека „Импакт“ ќе прослави многу родендени. Ние, со задоволство и нетрпение ќе ги исчекуваме понатамошните изданија. После сѐ, Велес со овој фестивал покажа дека има публика која е желна за побогат културен живот во градот, публика која е спремна да прифати и одредени „очудувања“ од класичните театарски форми и содржини и конечно, публика која потврди дека со право доаѓа од градот кој некогаш бил културно средиште во земјава.

No comments:

Post a Comment