Thursday, March 29, 2012

Автобиографија во трето лице што ќе ја прочита второ лице


Штотуку се вратив од најинспиративното поетско читање на кое некогаш сум присуствувала!Aх-Ох-Ух не е доволно да опишам како се чувствувам!
Ова, освен што ми е последниот статус на Фејсбук, воедно и ми се впечатоците од овој неверојатен настан кој имав прилика да го просведочам. Имено, во чекалницата на железничката станица во Скопје минатата недела се одржа поетско читање насловено „Автобиографија на трето лице што ќе ја прочита второ лице“ на кое учество земаа триесетина лица. Секое си имаше напишано биографија, потоа си ги имаа измешано и секој читаше за некој трет.
Ова мене ме инспирира и јас да си направам сопствена биографија и да си замислувам како да сум учествувала на читањето. Да почнеме:

Автобиографија на еден откажувач и самосожалувач

Се роди пред двоцифрен број години некаде на истокот од Македонија, како прво дете во семејството на еден ангел и неговата жена. По кратко време откако се роди, семејството се пресели во срцето на Македонија, а по неколку години повторно се пресели малку посеверно. Демек посеверно и позападно било попросперитетно. И така тоа и остана како клетва некоја – цел живот да е калемена, цел живот никаде да не припаѓа – а ќе пркне некаде, веднаш да и го исечат стеблото и на друга почва да ја префрлат. 
Како и да е, таа имаше среќно детство – како и сите деца. Како вчера се сеќава како ги отвори очите и како ги запозна ангелот и жена му, како ја опсипуваа со љубов, внимание и нежности, како полека-полека ја запознаваа со светот, па наскоро знаеше и на која улица живее, во кое место, во која држава, на кој континент и на која планета. Стоеше честопати замислена на прозорецот и се прашуваше: Каде ли е крајот на светот? До каде е границата? Набрзо ангелот и жена му и донесоа и сестричка – мало ангелче со луто погледче. Тоа мало ангелче го засака многу и реши дека цел живот ќе го чува како зеницата во окото. А ангелот и жена му и беа како капаците на окото – секогаш ја штитеа кога глетката на светот што ја опкружуваше стануваше претешка да се поднесе.
Еднаш додека седеше покрај прозорецот и се топлеше на печката, заслуша дека некој на некоја емисија на телевизија изјави „ништо не е вечно“. Се запраша како е тоа можно? Веднаш поита да ја побие таа изјава и започна да бара предмети надвор од нивниот стан кои се вечни. Отпрвин мислеше дека лесно ќе се снајде – погледна кон дрвјата, камењата, патот, земјата, но потоа и' текнаа и начини на кои сите овие работи прекинуваа да постојат. Многу ја заболе ова сознание и си вети дека ќе си го посвети животот на изнаоѓање нешта што вечно траат. Секако, ова беше донкихотовски поход само по себе. Од денешна перспектива мисли дека тоа беше првиот момент во кој животот ја разочара и тоа беше првиот пат сериозно да му се налути на животот. Но, тогаш-за-тогаш мислеше дека заборавила на тоа.
Потоа следеа тинејџерските години: затворање во вц по неколку часа и бескрајно анализирање на своето лице и тело, кое како да припаѓаше на некој друг, отворање на очите и сфаќање дека светот и не е така убаво место и луѓето и не се така добри после се. Утеха најде во книгите – тие бар секогаш ја кажуваа вистината и неизмерно ја радуваа. И така, започна да живее во светот на задачите по математика, сложените конјугации на глаголите по француски и мазните и миризливи страници на книгите по англиски. Си најде и верна друшка со која секојдневно заедно по научен пат се обидуваа да си го објаснат светот околу нив. Таа другарка, случајно ил не, до ден денес и прави друштво во обидите да ја разбере Вселената. По тинејџерските години следеа годините на рана адолесценција – уживање во дружење со најразновидни луѓе, запишување во средно училиште во нов град, пеперутки во стомакот кога ќе ја погледнеше некој од матурантите, слатка смеа со другарките од тоа време... Убавини! Се додека, еден ден нејзините не ја известија дека ќе мораат да се преселат во друг град.
Животот ја налути многу. Е, овој пат навистина претера. Па таман си најде луѓе покрај себе, луѓе кои и даваа чувство како да припаѓа и како да е најсаканата личност на овој свет, па сега дури и реши да и ги одземе? И не само тоа, туку и реши да ја пресели во друго место? Е, ова беше премногу. И така, тогаш сериозно му се налути на животот и му правеше кисели фацки во наредните неколку години, иако тие години и донесоа покрај неа прекрасни луѓе, прекрасни пријатели кои правеа да се чувствува духовно богата. Наскоро се запиша на факултет и таму беше превозбудена и превосхитена од академските граѓани, од афирмираните луѓе, од големиот и нечист главен град, и ја запозна и првата гооолема љубов (имаше и претходно љубови, но ова беше со вонвселенски размери, кога си замислувате дека ќе се венчате со саканата личност J)), но како дојде-така и си појде. И оваа љубов животот и ја зема, а таа почнуваше се повеќе и повеќе да се мршти. Наскоро и ја зема и слободата што ја уживаат студентите, па и ја зема и втората голема љубов, па по некое време и ја зема и баба и што премногу ја сакаше... веќе не знаеше како да му покаже на животот дека му е пепел-лута! А тој изгледаше како воопшто да не му е гајле и продолжуваше да и одзема предмети, луѓе, моменти, денови, насмевки, а продолжуваше да и (до)дава горчина, лутина, бели влакна, брчки, солзи и што ли уште не, само за да види дали таа некогаш ќе му признае дека му е лута, наместо гордо да си молчи.
Таа не кажуваше ни збор, но длабоко во себе си признаваше дека сака да прекине да му се лути на животот. Гледаше дека има луѓе околу неа кои некако успеваа да бидат среќни и реши дека и таа сака да е како нив. И така одеше од кино, на театар, па во дискотеки, по пабови, по промоции, изложби и поетски читања. Замислата за текстов и се роди на едно такво. Се читаа автобиографии на луѓе од крв и месо, луѓе како неа, кои понекогаш му се подлутнуваа на животот и им се идеше да му удрат една силна клоца. И додека седеше во чекалницата каде што се случуваше поетското читање, слушаше како секој од присутните си ја изложува душата во нечистата и замирисана чекалница во која секогаш имаше промаја, забележа како читалницата наеднаш стана многу шарена (а инаку еднобојна) од најразните бои во кои беа облечени сите луѓе, и како одеднаш и' дојде многу топло на душичката (иако таму секогаш имаше промаја), најверојатно од што многу луѓе вдишуваа и издишуваа воздишки ископани од дното на срцата. И текна дека има само 23 години, на прагот да наполни 24, и се сети дека некои луѓе успеваат да останат деца цел живот. Тогаш реши да се нурне длабоко, да се задлабочи и изгуби во некои лавиринти, да сруши некои ѕидови што сама реши да ги изгради, да го најде тоа жарче наивност што уште тлееше во неа, да го грабне за рака и да го изведе на виделина пред сите. Реши да се измисли себеси одново, да се пресоздаде и реши биографијата своја – одново да си ја напише. Овој пат како што треба, животно жизнерадосно. Таа биографија ќе ја нарече: Автобиографија на еден борец и сонувач (во создавање).

Wednesday, March 14, 2012

The Times They are А-Changing

"There's a battle outside
And it is ragin'
It'll soon shake your windows
And rattle your walls
For the times they are a-changing."


Идејата за овој напис се зачна во текот на минатата недела, една презафатена и исполнета недела. Дел од презафатеноста сочинуваше и едно неофицијално предавање на факултет што го остварив заедно со уште две колешки, а по покана на поранешна професорка. Предавањето беше за различните видови на пишување и начините на кои студентите можат понатаму да ги применат вештините стекнати за време часот по академско пишување. Освен што целото искуство беше извонредно (презентирањето рамо до рамо со колешките кои ги почитувам, како и поканата од професорката на која и' се восхитувам), во еден момент додека разговаравме со неколку години помладитe колеги се наметна прашањето: Зошто младите во Македонија не размислуваат за собирање работно искуство во нивното CV-а уште пред да дипломираат? Зошто во Македонија никој не обрнува внимание на CV-то?

Кога професорката го постави ова прашање погледот ми прелета преку сите присутни во просторијата. Никој не изусти ни збор, а се чувствував како да знам што сите размислуваат. Премолчено сите си дадовме ист одговор на прашањето: затоа што не е ни важно какви квалификации имаш и колку импресивно CV имаш – нечии врски и познанства во нашата земја вредат повеќе од тоа. Кога започнало ова кај нас не ни знаеме, уште откако знам за себе и за оваа наша држава, знам дека постои изразот „со врски“ и дека тој е законот кој може да победи с'е друго. Понекогаш се потсетувам на психолошките експерименти врз мајмуни. Имено, за време овие експерименти неколку мајмуни биле затворени во еден кафез, во кој имало висока скала и на врвот на скалата се наоѓала банана. Кога некој од мајмуните ќе се качел горе да ја јаде бананата, сите други мајмуни биле полевани со вода (или пак ги удирале со електрични шокови, не сум сигурна). Така, преку условен рефлекс мајмуните сфатиле дека е лошо да се јаде бананата и го напаѓале секој што ќе се обидел да допре до неа. И така, генерации и генерации мајмуни во кафезот се смениле, а кога некој ќе скокнел по бананата, си поминувал лошо без и воопшто да знае зошто. Ние пак, никој не напаѓаме, од никого не се браниме, ама правиме нешто многу слично – се однесуваме пасивно и ги прифаќаме „врските“ како да се нешто природно, без воопшто и да се распрашаме „Кој ли ги воведе?“ Кој го има тоа право да ми го земе работното место, а притоа да има помалку квалификации од мене?

Искрено, не знам каде лежи одговорот, а и не знам дали вреди да се трага по него. Но, знам дека во последниве неколку години откако животот ме донесе на возраст да се наоѓам во постојаните превирања на пазарот на трудот, увидов дека има луѓе кои ќе успеат преку старото добро правило „со врски“ и друг вид на луѓе – кои ќе успеат преку вложување на сопствена пот и труд. Не знам дали нечиј успех е „поуспешен“, но знам дека успехот до кој се трудам да стигнам јас носи повеќе благосостојба. И што повеќе н'е има како мене, луѓе кои се трудиме да постигнеме нешто на своја рака, с'е повеќе ќе ги заплашуваме оние кои го користат туѓиот авторитет за да се здобијат со нешто во животот. Не верувам дека ќе ги истиснеме, ама во мене има едно делче што ме тера да верувам дека нареден пат кога ќе одржам предавање за пишување на студенти од трета година, тие со сета жилавост и енергија ќе се втурнат во мисијата наречена „пополнување на своето CV со работно искуство“ затоа што и тоа ќе тежи на пазарот, и тоа многу повеќе или барем еднакво колку што тежат нечии познанства. И уште повеќе, се надевам дека кога еден ден ќе имам семејство и на децата ќе им зборувам за непотизам, корупција, мито и врски, тие ќе ме гледаат со подзината уста и со неверување за феномените што постоеле во светот во кој живееле нивните родители. Свет за кој тие самите, се надевам, ќе слушаат само од нечии кажувања.