Дека меѓу мене и сестра ми има разлика од неколку светлосни години се покажало уште на мноогу мала возраст. Јас сум била второ или трето одделение и моите родители сфатиле дека сум доволно возрасна за да ме соочат со грозната вистина. А грозната вистина во тоа време била дека: Дедо Мраз не постои! Секако, како и секое детенце идеалист и вечен сонувач, сум се обидела да не верувам во таквите лоши гласини и шпекулации, но на крајот моите успеале да ме убедат и расплачат како резултат на лошите вести. Другиот дел од приказната е дека во целата сцена еден нем сведок била сестра ми, која пак, верувале или не, е помала од мене ни помалку ни повеќе, ами три добри години. Моите најверојатно сакале да се поштедат од гласни детски пиштења по дома и сакале да ја смират топката, па на сестра ми и рекле вака: Знаеш што, пу-пу не важи! Ние само ја лажевме сестра ти дека Дедо Мраз не постои, кога тој всушност постои! На што сестра ми легендарно им одговорила: Пих, јас од кога знам дека не постои!
И додека оваа мала смешна приказна долги години ме тераше да верувам дека сум безнадежна наивка што верува во секакви глупости, пред некоја недела на телевизија гледав една емисија во која со психологот Дијана Белевска се разговараше на истата оваа тема: Која е вистинската возраст за да им се каже на децата дека Дедо Мраз не постои? На мое огромно изненадување, психологот рече дека нема потреба на децата да им се објасни дека Дедо Мраз не постои. Според неа, тие и самите знаат цело време КОЈ е тој Дедо Мраз што им остава подароци под вратата, ако се добри деца, нормално. Рече дека нема потреба да им се објасни дека Дедо Мраз не постои, кога тој всушност... постои! Стариот белобрад дедо со меше стегнато во црвена облека и црни чизми не е ништо повеќе освен симбол за нашето вечно верување во нашите соништа. И што би правеле ако не веруваме дека сиот наш труд да бидеме добри (дечиња, сестри, другарки, мајки, вработени, итн) нема да се исплати на крајот? Сонот за Дедо Мраз постои и мора да не води. Ако доволно веруваме, еден ден нашите соништа (за нова барбика?) ќе се исполнат.
Се разнежнив откако ја изгледав оваа емисија. Сфатив дека сите ние, возрасните, толку се тераме да останеме присутни во овој тежок свет со вести од насловни што не изморуваат и растажуваат, што честопати забораваме на убавите приказни поради кои вреди да се живее. Утредента размислував за ова додека одев на работа, кај третоодделенците на кои им предавам англиски. И тие беа опфатени од некоја Новогодишна еуфорија, па почнаа да ми кажуваат за нивните искуства со Дедо Мраз. Ангела, малата итрица ми рече: „Замислете наставничке, Симе уште верува во Дедо Мраз! Јас му викам – леле бе Симе, ама си глупав!“ Секако, ден претходно најверојатно ќе и аплаудирав на бистрината на умот. Ама сега, само и кажав дека Симе воопшто не е глупав, дека во Дедо Мраз мора да се верува и дека еден ден ќе му се исполнат желбите ако така продолжи. Им ја кажав и нив приказната за мене и сестра ми и децата се восхитија до толку што успеаја да пронајдат и наравоучение: Да, наставничке, ама нели затоа сега вас ви се исполниле сите соништа? Им се насмевнав и им реков дека да. Секако, ова имплицира дека затоа на сестра ми не и се исполниле многу од соништата, што дури и да го кажам, ќе сфатите дека лажам. Малата е толку умна и упорна што сама си ги исполнува соништата. Ама како успева во тоа? Па лесно... верува. Верува во сонот за добрите деца кои биваат наградени на крај. А врти-сучи, та тоа е сонот за Дедо Мраз, нели?
ps Јас верувам во овој Дедо Мраз (види фотос подолу)


No comments:
Post a Comment